Category : Македонски

Почетокот на информатичката ера во македонскиот шах – Chessbase во Македонија


Првата верзија на Chessbase беше направена во 1987 година на Атари специјално за Гари Каспаров.  Верзија за PC беше направена следната година. Шаховскиот свет е традиционално многу конзервативен и тешко ги прифаќа промените, a во тоа време малку луѓе ја сфатија важноста на овој историски момент кој ќе го промени шахот засекогаш.
Ова е сторија за почетоците на користењето на програмот Chessbase во Македонија.
Беше почетокот на 1993 година, на точниот ден не се сеќавам. Јас, Орце Данчевски и Марјан Митков отидовме во Софија за да се сретнеме со Интернационалниот мајстор Семко Семков. Тој ги имаше сите шаховски програми и бази што постоеја тогаш. Се договоривме да ни ги продаде и да нè обучи како да ги користиме. Ги купивме Chessbase 4.0 (последната верзија во тој момент) заедно со модулот Fritz 2 и базите на партии. Исто така го купивме и програмот NicBase (денес ретко кој се сеќава на тој конкурентен програм на Chessbase) и неговите бази на партии. Ги научивме главните функции на програмот кои и ден-денес се користат: пребарување на партии, користење на модулот за нивна анализа и правење на дрво. На враќање донесовме со нас многу дискети (5-инчни!) кои ги содржеа базите и програмите.
На мојот домашен 286 (MS-DOS, се разбира) инсталацијата беше спора, но на крај успешна. Заклучив дека е практично да се решам да користам само еден програм. За среќа, решив да го користам Chessbase, а не NicBase (или ChessAssistant кој подоцна се појави, но не ми остави особен впечаток). Таа одлука ми заштеди многу време кога се покажа дека Chessbase е најдобриот од трите бидејќи немаше потреба од преминување и адаптација од еден програм на друг.
На резултатите од иновацијата не требаше многу да се чека. Како и секоја пролет градското првенство на Скопје се организираше во Централниот шаховски дом со вообичаено силен состав. Но и покрај силниот состав исходот на турнирот покажа дека пионерите во користењето на Chessbase беа пред своето време – ние тројцата го поделивме првото место! Историски гледано, тој момент, победата на првенството на Скопје, го означува почетокот на информатичката ера во шахот во Македонија. Победата на турнирот беше очигледен доказ за неоспорните придобивки од користењето на компјутерите при подготовката. Шахот во светот веќе беше тргнал во насока на компјутеризација и иако тоа сеуште беа рани почетоци, благодарение на нас тројца Македонија многу бргу стана една од ретките земји со компјутерски писмени играчи.

Гледано од денешен аспект мене ме радува што успеав да ја согледам перспективата и насоката на развојот на шахот. Имав и доволно смелост да инвестирам во неа. Денес Chessbase 13 е дел од моето секојдневие и не поминува ден, а да не го користам програмот кој за 23 години еволуираше паралелно со шаховската игра која ја промени засекогаш.


CONTINUE READING

Генерален секретар на АШП

Новата година започна на многу позитивна нота. Асоцијацијата на шаховски професионалци (АШП) имаше избори во периодот од 28 ноември до 13 декември 2015 година и на истите јас бев избран за нов Генерален секретар.

Детали од гласањето можете да погледнете тука (на англиски).
Се надевам дека на оваа важна функција ќе можам да придонесам за подобрување на условите во шахот не само во светот туку и во Македонија. Македонија никогаш немала свој претставник на толку висока функција и тоа отвора многу можности. Соработката со шаховските работници и јавност е пресудна за позитивни промени и се надевам истата да биде плодотворна и долгорочна.
Среќни празници!
CONTINUE READING

Меморијал Тодор Митров – Тиката 2015

После успешно организираниот Европски клупски куп шаховската активност во Македонија продолжува – под покровителство на семејството беше организиран првиот Меморијал Тодор Митров – Тиката, во чест на доајенот на македонскиот шах од Кавадарци. Под мотото „Шах без граници“ (доста добро мото!) турнирот ги оправда сите очекувања – 175 учесници од 7 земји со 14 велемајстори и 6 интернационални мајстори.

Турнирот се одигра во веќе добро познатата сала на хотелот „Александар Палас.“ Она што овој турнир го направи посебен беше луксузот кој се чувствуваше во секој детал од неговата организација – не се сеќавам да сум играл на рапид турнир било каде во светот кадешто за време на паузата играчите се почестени со толку богат коктел како што беше случајот вчера!

Пред доделувањето на наградите имав можност да поразговарам со ќерките на Тодор Митров. Нивниот ентузијазам, позитивна енергија и бројните прогресивни идеи за идни шаховски проекти се нешто што за прв пат се појавува на македонската шаховска сцена. Искрено се надевам дека ќе продолжат во таа насока и дека ќе добијат целосна поддршка за нивна реализација. Со организацијата на овој турнир постигнаа огромен успех, а плановите им вклучуваат шаховски активности во текот на целата година. Само напред!

Иако турнирот заврши со тријумф на гостите од Бугарија, кои ги освоија првите 3 места (победи Арнаудов пред Делчев и Георгиев ), мислам дека уште поголем успех постигнаа македонските шахисти. Филип Панчевски го подели 2. место (4. по Бухолц), со 7,5 поени од 9 партии, а со 7 од 9 фантастични резултати за нашите млади таленти Никола Николовски и Тони Лазов, на делба од 5. до 10. место (Николовски 7. по Бухолц, Лазов 9.) Со 6,5 поени од 9 партии бевме јас и Звонко Станојоски (12. и 11. по Бухолц) – вкупно 5 македонски играчи од наградените 14. Целата табела може да се погледне тука.

Неколку збора за мојот настап. Првиот дел на турнирот го одиграв добро, имав 4,5 поени од 5, но во втората половина успеав да освојам само 2 поени од 4 партии. Уморот беше главната причина за падот на нивото и слабите партии против Делчев и Чаталбашев. Победите со бели против Кутиров и Велески ме донесоа на делба на 11. место. Партијата од последното коло со Велески имаше забавен крај:

Секогаш е пријатно да се заврши турнирот со победа затоа што нема повеќе партии за реванш – во случај на пораз лошото чувство останува уште долго време во душата. Но посебно е важно кога таа победа во последно коло носи и награда!

Шаховскиот живот во Македонија ќе продолжи со уште неколку турнири до крајот на годината. Што би рекле англичаните (кои наскоро ќе ги посетам) – something to look forward to!

CONTINUE READING

Европски клупски куп 2015

Најпрестижното шаховско клупско натпреварување во 2015 година заслужува посебен пост, особено заради фактот што се одржа во Скопје.

На почеток неколку зборови за организацијата. Ефикасна и без проблеми, во салата беше многу комотно, а за мене најважно беше што имаше доволно место помеѓу таблите. Сум учествувал на многу екипни турнири, и на олимпијади и европски првенства кадешто играчите биле набиени еден до друг да нема каде да се стави чаша вода, затоа просторноста беше важен фактор. Втор позитивен момент беше релаксираниот став на организаторите и судиите. Да појаснам: во последно време има тенденција на драконско казнување на играчите, почнувајќи од нула толеранција за доцнење (во Скопје беше 15 минути) до забрана за напуштање на салата, допинг контроли итн. па како играч на вакви престижни натпревари се чувствувам под константен надзор и во секој момент очекувам некој судија за нешто да ме вознемирува. Тоа што најмногу ми пречело е отсуството на почит кон играчите од страна на судиите и организаторите, кои демонстрираат моќ со своите претерани предупредувања и овластувања – како играчите да постојат заради нив, а не обратно. За среќа тоа не беше случај во Скопје, дури и мојот тест со неносење на картичката за идентификација помина без проблеми и можев слободно да се шетам меѓу првите табли. Сумирано, честитки за општина Карпош и шаховскиот клуб Гамбит Асеко за успешната организација.

Од натпреварувачки аспект турнирот беше огромен успех. Јас настапив за мојот англиски клуб Чедлтон (се чувствував како да настапувам за тим од Премиер лигата во Лигата на шампиони – сепак сме трети во Англија!) и го постигнав најдобриот резултат на 4. табла, 5.5 поени од 7 партии. Истовремено тоа беше и најдобриот резултат на целиот турнир, со оглед на тоа дека ниту еден играч не освои 6 поени. Конкуренцијата на мојата табла беше огромна, но на крај успеав да завршам пред играчи како Адамс (кој го имаше најдобриот перформанс на 4. табла), Раџабов, Вашие-Лаграв, Ванг Јуе, Андрејкин итн. Еве го и целосниот редослед (кликни за да зголемиш):

Мојата најдобра партија беше победата со црни фигури против велемајсторот Алон Гринфелд од Израел:

Македонските клубови имаа одличен настап. Во машка конкуренција најголеми надежи имаше Алкалоид, кој покажувајќи ги своите финансиски мускули собра ѕвезден состав со 6 елитни велемајстори и беше 3. на почетниот ранкинг. Во првите две кола, кога противниците сеуште не беа силни, добија шанса и македонските играчи Недев и Панчевски кои совесно си ја завршија задачата со победи над своите противници. Понатаму следеа клучните мечеви во кои Алкалоид не ризикуваше и играше во својот најсилен состав. И работите одеа според планот се до овој фатален момент:

Овој пораз како да ја разниша самодовербата на легионерите во составот на Алкалоид и следниот ден тие беа поразени од конечниот победник, екипата на Сиберија, предводена од феноменалниот Крамник. Иванчук го забележа својот втор пораз од позиција во која само тој може да игра на победа:

Вториот пораз на Алкалоид ги закопа амбициите на клубот за медал. Од една страна голема штета, затоа што пласман во првите три во Европа на една македонска екипа е нешто извонредно, со претпоставка дека би придонел за шаховски бум во земјата, но од друга страна не гледам каква конекција имаат 6-те странци со шаховскиот клуб Алкалоид – со пари може да се купи квалитет, но не може да се создаде екипен дух, барем не за толку брзо време. Алкалоид отсекогаш бил клуб со силно внатрешно јадро и играчи кои со децении играат заедно и тоа бил залогот на сите негови успеси. Отстранувањето на тоа јадро и замената со играчи кои тие работи не ги чувствуваат не е начин на кој клубот обично функционира и можеби тоа имаше влијание врз хармонијата на екипата. И покрај се, конечниот пласман на Алкалоид, делба на 5. место (6. по дополнителни критериуми) сметам дека е успех – на вакви турнири нема гаранција за ништо и во исклучително жестока конкуренција секој пласман во првите 10 е огромно постигнување.

Гамбит Асеко настапи и во машка и во женска конкуренција. И додека во машка конкуренција играше за своја душа, во женска конкуренција не ги криеше своите амбиции. Исто како и Алкалоид во машка конкуренција и Гамбит ангажираше цел тим составен од странски играчи со очигледна цел да се освои медал. Идејата им се оправда стопроцентно – освоија сребрен медал и станаа вице-шампиони на Европа и нивната прва табла, поранешната светска шампионка Антоанета Стефанова освои златен медал за најдобар перформанс на првата табла. Големи честитки за успехот со надеж дека Гамбит нема да го заборави женскиот шах и во иднина. Исто така се надевам дека клубот има идеја како да го озвучи овој успех и да создаде некаков шаховски моментум во земјата.

Останатите македонски екипи, Центар и Карпош, добија шанса да настапат на вакво елитно натпреварување и играјќи без посебни амбиции сигурен сум дека уживаа во секој момент од настапот.

Со успешната организација Македонија уште еднаш се запиша во поновата шаховска историја (да потсетам дека во 2009 година Охрид беше домаќин на уште еден одлично организиран ЕКК). Традицијата која започна со турнирите на солидарност и олимпијадата во 1972 година продолжува и како љубители на шахот би сакале да се надеваме дека ова не е последното елитно натпреварување организирано од нашата земја.

CONTINUE READING

Статусот на шахот во државата

Одамна немам напишано нешто на македонски јазик, но деновиве сосема случајно налетав на еден напис во Фокус за македонскиот интернационален мајстор по дописен шах, Ристо Донев и тоа ме поттикна да напишам нешто по тој повод.

Ристо Донев е физички хендикепиран, но тоа не го спречило да му посвети на нашиот спорт. И покрај успесите кои ги постигнал, сениорски шампион на Југославија и репрезентативец, учесник на светски првенства по дописен шах, тоа не му носи никаков статус во нашето општество, што во неговиот случај е уште поболно заради неговата состојба.

Државата треба да биде институција која се грижи за своите граѓани. Во една цивилизирана држава спортот и уметноста имаат високо место. Тие служат за издигнување на културното ниво на граѓаните.

Македонија е држава која сеуште се обидува да се пробие и да остави траг како на европско, така и на светско ниво. Со посебни политички победи не можеме да се пофалиме, со економска благосостојба уште помалку. Единствен начин кој и останува на државата за да се истакне и да привлече внимание врз себе се токму спортот и уметноста.

Нашиот спорт е еден од ретките успешни спортови во државата. Медалји на европски и светски првенства, олимпијади, европски купови. Шаховски професионалци кои го шират доброто име на Македонија до најдалечните делови на земјината топка. Би се рекло дека државата би требала да биде исклучително заинтересирана да го оддржи и поттикнува овој спорт кој толку многу направил, прави и ќе прави за неа.

Но знаеме дека тоа не се случува. Причините се познати и во нив нема да навлегувам сега, но да се вратам на почетокот на овој пост и Ристо Донев. Кога една држава не може да согледа и да му оддаде почит на човек кој животот го посветил на својата страст и постигнал успеси кои истата таа држава ја прославиле, и случајот да биде повпечатлив, истиот тој човек е со физички хендикеп, тогаш навистина нешто е погрешно во државата македонска. Каде е човечноста, каде е грижата, каде е основната култура која налага да се помогне кога некој е во неволја?

Не е ни чудо што шахот нема статус. Кога нема култура, нема ни почит. Тоа веројатно нема ни да се смени. Но еден гест, едно признание, малку помош, кои не се ништо за една држава, за една индивидуа можат да значат разлика помеѓу промашен и исполнет живот. А тоа не е мала разлика.

CONTINUE READING

Лига 2014

Оваа година лигата беше понеизвесна отколку што може да се заклучи гледајќи ги само резултатите. Титулата се реши во дербито меѓу Алкалоид и Гамбит кое се одигра во третото коло.

Како што се очекуваше, Алкалоид доминираше на првите 3 табли кадешто освои 2.5 поени – Криворучко беше изненаден од Берлинската на Делчев и ремизираше, додека Волокитин го победи Арнаудов, а Кузубов го победи Данчевски. На 4-та табла Недев и Стојчевски одиграа мирно реми и резултатот беше 3-1 за Алкалоид, но целата драма се случи на последните две табли.

Јас со бели против Марјан Митков на 5-та табла имав одлична позиција после отварањето и во раната средишница и очекував брзо да добијам со напад на крал, меѓутоа Митков добро се бранеше и ја искористи мојата непрецизна игра (на ова повеќе ќе се осврнам подолу) и успеа да ја сврти ситуацијата во своја корист. Панчевски против Андоновски на 6-та табла уште од почеток беше во проблеми во Кралско-индиска одбрана, а да бидат работите уште полоши трошеше и многу време и дојде во цајтнот. Но во тој цајтнот се случија многу работи, во кои дојде дури и добиен, но по нови грешки повторно беше изгубен и наеднаш беше многу веројатно дека мечот ќе заврши 3-3.

По контролата јас успеав да му создадам проблеми на Митков кој не успеа да најде јасен пат до победа и по една негова грешка форсирав реми. Со тоа обезбедив победа во мечот и уште една титула за Алкалоид! Во веќе потсмирена атмосфера Андоновски не успеа да реализира против Панчевски, па и таа партија заврши реми. Останатите 2 меча Алкалоид ги доби убедливо и со тоа освои уште една титула државен шампион.

Сега сакам да се осврнам повеќе на мојот настап и да изложам некои размислувања на тема која е многу популарна во спортот – темата за добра форма и како да се биде во најдобрата за време на натпреварот и што тоа всушност значи.

Пред лигата се чувствував многу добро како физички така и ментално и очекував да играм добро. Впрочем, на лигите моите резултати биле или 100% или максимум 1 реми, а последниот пораз ми се случил во 2003 година. Но и покрај позитивните субјективни фактори, резултатот оваа година беше 50% со еден пораз од 4 партии. Зошто?

Да одговорам на тоа прашање најпрво ќе направам преглед коло по коло како би се добила подетална слика за тоа што се случувало во партиите.

Во првото коло бев бели против Јани Богоевски. Јани е цврст и солиден играч кој обично не е амбициозен кога игра со црни. Уште во отварањето тој одигра лоша варијанта и наскоро имав огромна предност која со добра игра ја зголемував во раната средишница. Главата ми работеше добро и варијантите ги пресметував чисто. Во еден момент имав можност да освојам пешак, но не бев сигурен дали тоа е најдобриот начин затоа што за возврат црниот добиваше шанса да ги активира своите до тогаш пасивни фигури и да создаде некаква контра игра. Размислував долго во тој момент, но не најдов подобар начин како да продолжам и сепак се решив да го земам пешакот и понатаму сакав да преминам во позиција во која ќе останат само дами и топови на таблата, со пешак повеќе за мене. И тука почнуваат да се случуваат работите кои се релевантни на темата наречена форма. Кога работите „одат“ тогаш противникот нема да пружа многу отпор. Но, наместо да редуцира, Јани одигра покомпликуван потез и со тоа задржа некаква неизвесност во позицијата. Чувствував дека треба да сум скоро добиен, но никако не можев да најдам директен пат, ниту пак начин со кој ќе ја разјаснам ситуацијата на таблата. И вака беше добро, и така беше добро, но ништо не беше целосно задоволувачки. Ситни превиди почнаа да се поткраднуваат во пресметките. Полека дојдов и во цајтнот и работите почнаа да се компликуваат, згора на тоа Јани играше единствени потези. Ја испуштив целата предност и по контролата позицијата беше реми. Иако направи неколку превиди и си ја отежна работата во топовската завршница, на крај сепак црниот одржа реми.

Во второто коло бев бели против Жарко Митковски. Во Кралско-индиска одбрана многу брзо дојдов во стратешки добиена позиција – даминото крило се изблокира, а на кралевото белиот беше спремен за напад и мислев дека наскоро ќе му дадам мат. Позицијата беше таква да можев да се подготвувам колку сакам и како сакам затоа што црниот беше без контра игра. Изгледаше како ништо да не може да тргне наопаку, но кога работите не одат, тогаш најчесто со сопствени раце им даваме на противниците шанси. Така беше и сега, со еден потег (19 b3) ја ослабив долгата дијагонала, потегот беше сосема во ред, но при пресметка на една варијанта во која тој се обидува да ја искористи таа слабост (објективно – очајнички обид кој само би го забрзал поразот) не видов елементарен начин како да се одбранам и да ја добијам партијата. Мислејќи дека сум згрешил, одиграв друг потез (20 Sb5, наместо голема рокада како што планирав кога размислував за 19 b3), исто така добар, но иако објективно позицијата сеуште беше стратешки добиена, јас не се чувствував исто – веќе бев малку вознемирен од превидот во пресметките. Два потези подоцна црниот не издржа и одигра конечно …f5, но тоа беше грешка заради моето 22 Lg5 и тука знаев дека сум скоро (пак тоа исто „скоро“ како против Богоевски!) добиен, но пак без јасна варијанта како точно. Повторно множество варијанти кои се добри, но ниту една „чиста.“ Овој пат, за разлика од партијата со Богоевски, таа постоеше (24 Sf5), но не ја одиграв затоа што не видов еден потез на крајот на варијантата што ги држи работите под контрола. Наместо тоа, одиграв многу лошо (24 ef5) и наеднаш црниот ја имаше иницијативата и требаше да се борам да не изгубам! Каков пресврт во само 2 потеза! Знаев дека не би требало да сум изгубен, но не успеав да го најдам единствениот (!) начин да се спасам (26 Kb1), а црниот не ми остави шанси до крај (силен потез 30…Le5, единствен што победува). Кога „не оди“ тогаш и послабите играчи играат јако.

Во трето коло повторно бев бели против Марјан Митков. Успеа да ме изненади во отварањето (Шпанка со 3…Lb4) меѓутоа на излез од отварањето и раната средишница имав голема предност – неговите фигури беа на даминото крило а јас се спремав за напад на неговиот крал. За да избегне директен напад Митков се реши на 13…f5, но тоа само повеќе ги ослаби белите полиња. Првиот критичен момент беше во 16 потез кога можев да избирам помеѓу поостриот потез 16 d4 и помирната опција 16 Le3. Последиците од поострата варијанта не ми беа најјасни и ја одбрав помирната опција, објективно двата потези беа подеднакво добри. Но само 2 потези подоцна повторно имав избор од позициона варијанта (18 Ld5, што и беше мојата првоначелна идеја кога размислував за 16 Le3) и поагресивна варијанта (18 d4). Овој пат се решив за агресивната опција, прво заради фактот што тој полека доаѓаше во цајтнот, а второ затоа што мислев дека со тоа ќе му направам повеќе проблеми – наскоро тој беше принуден да го ослаби својот крал. Повторно, објективно немаше ништо лошо во мојот избор, но очигледна е некоја неконсистентност во изборите – тоа обично не се случува кога работите „одат сами по себе.“ Набрзо дојдов до скоро (повторно тој збор!) решавачка предност и пак истата ситуација – не наоѓам јасен начин, повеќе варијанти изгледаат добро и не можам да се решам која е најдобра. Анализата после партијата покажа дека работите биле покомплицирани одошто ми изгледале за време на партијата и дека форсирана победа не постоела. Играм лош потез (24 d6) затоа што превидувам ресурс за него со кој тој веднаш добива: 24…Df6 25 g3 (сеуште не гледам) Td4 и тука на моето замислено 26 Tad1 не видов 26…c5 со идеја Df3 и матира! А после неговиот 25 потез веќе треба да се спасувам да не изгубам, повторно драматичен пресврт како со Митковски! Иако во цајтнот тој одигра добро и беше објективно добиен, но неколку пати пропушти форсирани победи. По контролата најдов два збунувачки потези, 43 b4 и 44 f4 и за среќа тие завршија работа – после 45…Dc4 партијата е реми, иако во тој момент веќе нема пат кон победа за црниот.

Во четвртото коло бев црни против Ѓоко Котески. За прв пат немав предност после отварањето, дури и направив погрешна процена на мојот план кој започна со измената на d5 и 13…a4. Со силниот потез 14 b4 и потоа 16 Sb1 белиот имаше предност, но потоа не продолжи плански – требаше да игра Ld2, Sc3, Db1-b2 и Tb1, со максимален притисок на b5 и даминото крило. Јас ја искористив неговата непланска игра и создадов типичен кралско-индиски напад, а партијата брзо ја реши неговиот превид. Ова беше прва партија типична кога посилен играч игра со послаб – неговите грешки остануваат неискористени, а противникот игра потези соодветни на неговото ниво и тие се исто така соодветно искористени. Можеби работите конечно тргнаа? Можеби, но турнирот за мене тука заврши затоа што во последното коло бев слободен од игра.

Од искуство знам дека има една законитост кога станува збор за добрата и лошата игра. Кога играш лошо, но резултатите се добри (кога „имаш среќа“), тогаш на крај ќе почнеш и да играш добро, во согласност со резултатите. А кога играш добро, а резултатите се лоши (како во случајов со мојата лига), тогаш најчесто на крај ќе почнеш и да играш лошо! Тоа и се случи во мојата партија со Котески, но за среќа и тој не се прослави многу во таа партија – од две лоши игри, мојата сепак се покажа како помалку лоша.

Од анализата на партиите може да се проследи една шема по која се случуваа работите: предност од отварање, добра игра до одреден момент во средишница, добра игра на противниците кои „се жилават“, ненаоѓање (или непостоење) на јасен начин за зголемување на предноста или трансформација во технички добиена позиција, фрустрација заради тоа, ситни превиди во пресметките, комплицирање на позицијата и од тој момент партијата излегува од контрола и сѐ е можно – дури и пораз.

Прашањето над кое многу размислував е зошто и покрај мојата добра психофизичка форма пред турнирот резултатот се покажа како лош? Зошто противниците ги играат најдобрите потези, зошто не играат на своето вообичаено ниво, како што обично играат, и во тој случај моите вообичаени потези се доволни за победа?

Кога работите „не одат,“ ништо не оди – и противниците играат силно, и случајната тактика во позицијата е во нивна корист, и позициите се компликувани, и нема јасни варијанти и генерално сѐ оди тешко. За ова има пишувано уште Аљехин (за неговата игра на турнирот во Њујорк 1927г.), но не се сеќавам да има дадено некој совет што да се прави. Спротивното исто така важи – кога работите „одат“ (или кога сме „во форма“) тогаш противниците превидуваат, не пружаат отпор, сѐ оди лесно и без напор.

Фишер кажал „Chess depends on you“, шахот зависи од тебе. Јас исто така верувам во тоа. Но надворешните фактори не може да се контролираат, значи единствено што јас можам да направам е да погледнам навнатре и да разберам што тоа во мојата психа ги предизвикало тие „надворешни“ фактори кои во случајов биле против мене.

Поминаа неколку дена од последната партија што ја одиграв на лигата и некои работи почнаа да ми се разјаснуваат. Тешко е да се опише со зборови тоа што го разбрав и секој обид тоа да го сторам ќе звучи премногу генерално, но ќе се обидам. Главниот проблем беше отсуството на нацеленост на победа. Очекував партиите да се добијат сами од себе од моментот кога имав решавачка предност. Немав претстава за завршеност на партијата, заокруженост на процесот. Мислам дека тоа отсуство на јасна внатрешна претстава резултираше во исто такво отсуство на јасен резултат во реалноста – партии со пресврти, несигурна игра и противници кои играа во полна соответност со мојата внатрешна состојба. Знам дека ова можеби звучи општо, но верувам дека оние кои играле шах подолго време ќе разберат што зборувам.

На крајот на краиштата, не треба да се посветува премногу внимание на минатото, треба да се научи од него тоа што се може и да се гледа напред. А напред е Олимпијадата! Одиме во најдобар можен состав, за прв пат по подолго време работите се организирани своевремено и отсуствува вообичаената нервоза пред тргнување. За успех на било кој турнир е потребна добра игра и среќа, се надевам дека по дождот доаѓа сонце, па макар и 350км северно од артичкиот круг. Впрочем, таму цело време ќе биде ден…
CONTINUE READING

Како ШФМ го одредува календарот

Одговорот на ова го знаеме сите одамна – лигата е во јули или август за да може луѓето кои играат да си истераат одмор во Хотел Дрим на сред сезона. Овој аматерски пристап не е променет од кога ги играм тие лиги, а тоа е уште од 80-те години.

Оваа година Олимпијадата е од 1-14 август, што го поремети вообичаениот термин за лигата, па луѓето од ШФМ направија предлог-календар кој предвиде поединечното отворено првенство на Македонија да биде во јули, а лигата во септември. Имајќи го ова предвид, и во консултации со ШФМ, јас ги испланирав своите настапи за периодот пролет-лето.

Како шаховски професионалец со стаж од преку 20 години учество на турнири низ светот се трудам да се однесувам така – професионално и одговорно спрема работата, клубовите за кои играм и репрезентацијата. Играњето за репрезентација ми претставува посебна чест и задоволство, иако за жал од сите активни играчи до сега јас таа чест сум ја имал само 3 пати до сега (Европските екипни во Крит 2007 и Грција 2011 и Олимпијадата во Дрезден 2008). Со оглед на тоа дека Олимпијадата е настанот на годината, јас направив план како најдобро да се подготвам за него. Дел од тие подготовки е и учеството на турнири и со таа цел имав во план да настапам на силниот опен во Ретимно, на Крит, кој е во периодот од 11-19 јули. Идеален термин, кој остава малку време и за одмор по турнирот а пред заминувањето за Тромсо на 1 август.

И што се случува следно? Денес дознавам дека ШФМ решава да го замени терминот на лигата со терминот за поединечното првенство, со други зборови лигата да биде на сред јули. Објаснувањата од типот, не се знае дали ќе има пари за поединечното до јули, кој ќе го игра поединечното ако не е во лето, не можат луѓето да плаќаат ако се игра во Скопје итн се несериозни и само потврда на аматерскиот пристап за кој говорев погоре. Дури и моите предлози за компромис, лигата да остане во јули но да се помести пред или после турнирот не наидоа на разбирање и беа одбиени, иако ми изгледаа сосема фер и разумни. Суштината е во тоа чии интереси се гледаат – на професионалците (годинава тука сум само јас, со оглед дека на останатите играчи од репрезентацијата им е сосема сеедно кога е лигата, јули или септември, но други години биле засегнати повеќемина) или на луѓето кои сакаат да играат лига и да тераат одмор истовремено. Од постапката на ШФМ одговорот е сосема јасен – терањето одмор е поважно од еден од најдобрите играчи во државата и член на репрезентацијата. ШФМ воопшто не ја интересира мојот углед како професионалец, кој мора да откаже учество на турнир за кој потврдил дека ќе го игра, престижен турнир на кој многу тешко се добиваат услови и треба години за да се изгради довербата кај организаторите; не ја интересира тоа што со неиграњето на турнирот ме спречува да заработувам со својата професија; не ја интересира што член на репрезентацијата нема да може соодветно да се подготви за тоа натпреварување (да ве потсетам ли само на резултатите од минатогодишното Европско првенство и претпоследното место?) Едноставно кажано, ШФМ воопшто не ја интересираат професионалците.

Една од главните цели на ШФМ е подготовка и настап на репрезентацијата. Од разни причини подготовките се најчесто непостоечки, па затоа играчите ги земаат работите во свои раце – секој се подготвува како што знае и умее. Во случајов дури и тој момент на индивидуални подготовки се саботира.

Да биде работата уште полоша, ова не е прв пат ШФМ да донесува вакви одлуки со календарот при кои јас и други играчи биле оштетени. Иако луѓето кои се таму отсекогаш во текот на годините биле бивши шахисти, очигледно позицијата ги прави повеќе политичари отколку шахисти кои учат од сопствените грешки. А за причините и целта на промовирањето на аматерскиот шах (кој апосолутно го поддржувам, но не на сметка на професионалниот шах), во некоја друга прилика.

CONTINUE READING

Традиционален брзопотезен турнир на Алкалоид

Како и што најавив во постот за моите следни настапи, денес играв на традиционалниот брзопотезен турнир во организација на шаховскиот клуб Алкалоид.

Се чини дека турнирот со секоја година зема се поголем замав – денес учествуваа 130 шахисти од 6 федерации, од кои 8 велемајстори и 19 играчи со други меѓународни титули. Масовноста е секако за поздравување, тоа само говори дека на Скопје му фалат ваков вид шаховски збиднувања. Вакви настани се ретка прилика шахистите да се најдат на едно место, да разменат мислења, да се дружат и да продискутираат за последните шаховски и нешаховски новости. Но, масовноста од друга страна носи и одредени проблеми кои се огледаа во неефикасноста со парувањето, главно заради конфузијата што се создаваше на последните табли и пријавувањето на резултатите – инвентивните шахисти веќе по второто коло во кулоарите предлагаа алтернативи како играње во помали групи или дури квалификационен турнир за послабите категории.

Победник на турнирот беше гостинот од Бугарија, велемајсторот Кирил Георгиев со импресивни 12/13. Загуби една партија, од Трајко Недев во 5. коло, но потоа до крај ги доби сите партии, вклучувајќи ја и победата против мене во 9. коло (фина техничка партија во ретка варијанта на Нимцо-индијска одбрана). Кога му честитав на победата на турнирот Киро се пожали дека порано играл подобро, дека квалитетот на партиите му бил повисок. Веројатно самиот си знае најдобро, но кога му кажав дека веројатно сега резултатот му е подобар, само се насмеа и не можеше да не се согласи со тој факт!

На делбата на 2 и 3. место се најдоа гостинот од Србија, велемајсторот Миљковиќ и нашиот Недев со 10/13, цели 2 поени зад победникот. Трајко имаше одличен турнир и беше единствениот кој држеше чекор со Георгиев, но неочекувано во претпоследното коло загуби од Младеновиќ (со рејтинг 2188!) и со среќното реми во последното коло против Панчевски успеа да се задржи на врвот.

На 4. место заврши Панчевски, со 9.5/13. Почна несигурно, со 2/3 и 3/5, но потоа како да влезе во ритам и да ја добиеше последната партија против Недев (а беше добиен) резултатот ќе му беше уште подобар.

Јас го поделив 5-13. место, со 9/13 и бев 6. по Бухолц. Сосема солиден резултат, играв како што и треба да се игра цугер, со рака, пробав некои варијанти и главната цел ми беше да добијам малку рутина пред настапот во Рејкјавик. Колку успеав, ќе видиме наскоро!

Комплетната табела можете да ја погледнете тука: http://www.chess-results.com/tnr123762.aspx?lan=1&art=1&rd=13&turdet=YES&flag=30&wi=984

Турнирот несомнено може да се прогласи за успешен, Алкалоид ја продолжува традицијата на организација на турнири и на тој начин го одржува активен шаховскиот живот во Македонија. Љубителите на шахот сигурно би сакале вакви настани да има почесто, но важно е и тоа што кога ги има, тие се квалитетни и добро организирани.

Следен настан на македонската шаховска сцена е Опен Карпош. Турнирот ветува да биде најуспешен до сега, а настап планираат скоро сите македонски шахисти. Да се надеваме дека тој настап ќе биде успешен!

CONTINUE READING

Среќна Нова 2014

Нова година, нови надежи.

По катастрофалниот настап на нашата репрезентација на Европското во Варшава, се надеваме на подобро за Олимпијадата во Тромсо. Лошиот настап е последица на многу фактори во кои нема сега да навлегувам (само ќе кажам дека финансискиот фактор е само еден од многуте). Со овој пост сакам да предложам некои работи кои дефинитивно ќе придонесат за подобрување на атмосферата и зголемување на шансите за успешен настап во Норвешка.

Има доста работи кои можат да се направат без (или со многу малку) пари, а кои ќе бидат многу корисни како за играчите така и за раководството. Многу се зборува за тој тимски дух, сплотена атмосфера итн. но никој не работи (или не знае) да работи на тоа. Читајќи што прават и како се подготвуваат во Русија, многу е лесно да се позајмат некои од идеи од нив, обично Русите знаат што прават. Една од работите што ги прават се подготовки со поширокиот состав на репрезентацијата во текот на годината. Во наши рамки тоа е лесно изводливо (и не кошта пари!) – прво селекторот треба да одреди поширок состав, а сега на почеток на годината е добро време за тоа. Така играчите ќе знаат дека се кандидати за репрезентација и соодветно ќе можат да си ги планираат настапите и обврските (се разбира, ако имаат некакви амбиции да играат за репрезентација – тука и селекторот треба да размисли кого да именува во поширокиот состав, но тоа е друга тема). Со овој чин се става до знаење дека се мисли малку подолгорочно (макар и на 6 месеци), дека федерацијата има некаква цел, дека работи на подобрување на резултатите на репрезентацијата, дека не остава сѐ до последен момент (што е многу важно, од лично искуство знам колку е фрустрирачки да се виси до последно и да не се знае што се случува). Понатаму, во текот на годината селекторот (или некој од раководството) треба да биде во постојан контакт со играчите (макар и еден emailсо прашање за некоја партија или отварање), да ги следи настапите на тие што играат и да организира повремени средби кога играчите се во можност – еднаш до два пати месечно од 2-3 дена е повеќе од доволно – со тоа се одржува контакот и се врши размена на идеи меѓу играчите и се гради тој легендарен тимски дух којшто беше спомнат. Еве и практична сугестија – постои просторија во МКЦ, мислам дека се вика НВО центар, со капацитет од 10-15 луѓе, која се издава бесплатно на НВО и други организации. Еден телефонски повик од федерацијата и ете место за „припреми“. Евентуален трошок би биле патните трошоци на играчите кои не се од Скопје, но тоа е сепак занемарливо, а користа од ваков вид контакт во текот на годината би бил непроценлив. Уште еден детал, но кој исто така би внел чувство за организација и насока, е одредување на календарот во почетокот на годината. На практика тоа значи одредување на термини за поединечниот и екипниот шампионат кои и така не варираат многу со термините. Но, годинава тоа е од многу големо значење затоа што Олимпијадата е во август (1-15 август), а тогаш е обично терминот за лигата – што порано се утврди терминот за лига (а со тоа и поединечниот шампионат), тоа полесно за играчите кои планираат да играат турнири во јуни и јули со цел да се подготват што е можно подобро за Олимпијадата.

Ова се само неколку работи што можат да се направат и кои ми паднале на памет. Други идеи (ангажирање на тренери, физички подготовки, тренинг кампови со дефинитивниот состав пред тргнување, развивање стратегии за мечевите итн, итн) се секако можни но во голема мерка зависат од финансиите. Што мислите вие, имате ли некои идеи кои ќе помогнат за подобрување на квалитетот на нашите репрезентативни настапи?
CONTINUE READING