Меморијал Тодор Митров – Тиката 2015
Турнирот се одигра во веќе добро познатата сала на хотелот „Александар Палас.“ Она што овој турнир го направи посебен беше луксузот кој се чувствуваше во секој детал од неговата организација – не се сеќавам да сум играл на рапид турнир било каде во светот кадешто за време на паузата играчите се почестени со толку богат коктел како што беше случајот вчера!
Пред доделувањето на наградите имав можност да поразговарам со ќерките на Тодор Митров. Нивниот ентузијазам, позитивна енергија и бројните прогресивни идеи за идни шаховски проекти се нешто што за прв пат се појавува на македонската шаховска сцена. Искрено се надевам дека ќе продолжат во таа насока и дека ќе добијат целосна поддршка за нивна реализација. Со организацијата на овој турнир постигнаа огромен успех, а плановите им вклучуваат шаховски активности во текот на целата година. Само напред!
Иако турнирот заврши со тријумф на гостите од Бугарија, кои ги освоија првите 3 места (победи Арнаудов пред Делчев и Георгиев ), мислам дека уште поголем успех постигнаа македонските шахисти. Филип Панчевски го подели 2. место (4. по Бухолц), со 7,5 поени од 9 партии, а со 7 од 9 фантастични резултати за нашите млади таленти Никола Николовски и Тони Лазов, на делба од 5. до 10. место (Николовски 7. по Бухолц, Лазов 9.) Со 6,5 поени од 9 партии бевме јас и Звонко Станојоски (12. и 11. по Бухолц) – вкупно 5 македонски играчи од наградените 14. Целата табела може да се погледне тука.
Неколку збора за мојот настап. Првиот дел на турнирот го одиграв добро, имав 4,5 поени од 5, но во втората половина успеав да освојам само 2 поени од 4 партии. Уморот беше главната причина за падот на нивото и слабите партии против Делчев и Чаталбашев. Победите со бели против Кутиров и Велески ме донесоа на делба на 11. место. Партијата од последното коло со Велески имаше забавен крај:
Секогаш е пријатно да се заврши турнирот со победа затоа што нема повеќе партии за реванш – во случај на пораз лошото чувство останува уште долго време во душата. Но посебно е важно кога таа победа во последно коло носи и награда!
Шаховскиот живот во Македонија ќе продолжи со уште неколку турнири до крајот на годината. Што би рекле англичаните (кои наскоро ќе ги посетам) – something to look forward to!