Оваа година лигата беше понеизвесна отколку што може да се заклучи гледајќи ги само резултатите. Титулата се реши во дербито меѓу Алкалоид и Гамбит кое се одигра во третото коло.
Како што се очекуваше, Алкалоид доминираше на првите 3 табли кадешто освои 2.5 поени – Криворучко беше изненаден од Берлинската на Делчев и ремизираше, додека Волокитин го победи Арнаудов, а Кузубов го победи Данчевски. На 4-та табла Недев и Стојчевски одиграа мирно реми и резултатот беше 3-1 за Алкалоид, но целата драма се случи на последните две табли.
Јас со бели против Марјан Митков на 5-та табла имав одлична позиција после отварањето и во раната средишница и очекував брзо да добијам со напад на крал, меѓутоа Митков добро се бранеше и ја искористи мојата непрецизна игра (на ова повеќе ќе се осврнам подолу) и успеа да ја сврти ситуацијата во своја корист. Панчевски против Андоновски на 6-та табла уште од почеток беше во проблеми во Кралско-индиска одбрана, а да бидат работите уште полоши трошеше и многу време и дојде во цајтнот. Но во тој цајтнот се случија многу работи, во кои дојде дури и добиен, но по нови грешки повторно беше изгубен и наеднаш беше многу веројатно дека мечот ќе заврши 3-3.
По контролата јас успеав да му создадам проблеми на Митков кој не успеа да најде јасен пат до победа и по една негова грешка форсирав реми. Со тоа обезбедив победа во мечот и уште една титула за Алкалоид! Во веќе потсмирена атмосфера Андоновски не успеа да реализира против Панчевски, па и таа партија заврши реми. Останатите 2 меча Алкалоид ги доби убедливо и со тоа освои уште една титула државен шампион.
Сега сакам да се осврнам повеќе на мојот настап и да изложам некои размислувања на тема која е многу популарна во спортот – темата за добра форма и како да се биде во најдобрата за време на натпреварот и што тоа всушност значи.
Пред лигата се чувствував многу добро како физички така и ментално и очекував да играм добро. Впрочем, на лигите моите резултати биле или 100% или максимум 1 реми, а последниот пораз ми се случил во 2003 година. Но и покрај позитивните субјективни фактори, резултатот оваа година беше 50% со еден пораз од 4 партии. Зошто?
Да одговорам на тоа прашање најпрво ќе направам преглед коло по коло како би се добила подетална слика за тоа што се случувало во партиите.
Во првото коло бев бели против Јани Богоевски. Јани е цврст и солиден играч кој обично не е амбициозен кога игра со црни. Уште во отварањето тој одигра лоша варијанта и наскоро имав огромна предност која со добра игра ја зголемував во раната средишница. Главата ми работеше добро и варијантите ги пресметував чисто. Во еден момент имав можност да освојам пешак, но не бев сигурен дали тоа е најдобриот начин затоа што за возврат црниот добиваше шанса да ги активира своите до тогаш пасивни фигури и да создаде некаква контра игра. Размислував долго во тој момент, но не најдов подобар начин како да продолжам и сепак се решив да го земам пешакот и понатаму сакав да преминам во позиција во која ќе останат само дами и топови на таблата, со пешак повеќе за мене. И тука почнуваат да се случуваат работите кои се релевантни на темата наречена форма. Кога работите „одат“ тогаш противникот нема да пружа многу отпор. Но, наместо да редуцира, Јани одигра покомпликуван потез и со тоа задржа некаква неизвесност во позицијата. Чувствував дека треба да сум скоро добиен, но никако не можев да најдам директен пат, ниту пак начин со кој ќе ја разјаснам ситуацијата на таблата. И вака беше добро, и така беше добро, но ништо не беше целосно задоволувачки. Ситни превиди почнаа да се поткраднуваат во пресметките. Полека дојдов и во цајтнот и работите почнаа да се компликуваат, згора на тоа Јани играше единствени потези. Ја испуштив целата предност и по контролата позицијата беше реми. Иако направи неколку превиди и си ја отежна работата во топовската завршница, на крај сепак црниот одржа реми.
Во второто коло бев бели против Жарко Митковски. Во Кралско-индиска одбрана многу брзо дојдов во стратешки добиена позиција – даминото крило се изблокира, а на кралевото белиот беше спремен за напад и мислев дека наскоро ќе му дадам мат. Позицијата беше таква да можев да се подготвувам колку сакам и како сакам затоа што црниот беше без контра игра. Изгледаше како ништо да не може да тргне наопаку, но кога работите не одат, тогаш најчесто со сопствени раце им даваме на противниците шанси. Така беше и сега, со еден потег (19 b3) ја ослабив долгата дијагонала, потегот беше сосема во ред, но при пресметка на една варијанта во која тој се обидува да ја искористи таа слабост (објективно – очајнички обид кој само би го забрзал поразот) не видов елементарен начин како да се одбранам и да ја добијам партијата. Мислејќи дека сум згрешил, одиграв друг потез (20 Sb5, наместо голема рокада како што планирав кога размислував за 19 b3), исто така добар, но иако објективно позицијата сеуште беше стратешки добиена, јас не се чувствував исто – веќе бев малку вознемирен од превидот во пресметките. Два потези подоцна црниот не издржа и одигра конечно …f5, но тоа беше грешка заради моето 22 Lg5 и тука знаев дека сум скоро (пак тоа исто „скоро“ како против Богоевски!) добиен, но пак без јасна варијанта како точно. Повторно множество варијанти кои се добри, но ниту една „чиста.“ Овој пат, за разлика од партијата со Богоевски, таа постоеше (24 Sf5), но не ја одиграв затоа што не видов еден потез на крајот на варијантата што ги држи работите под контрола. Наместо тоа, одиграв многу лошо (24 ef5) и наеднаш црниот ја имаше иницијативата и требаше да се борам да не изгубам! Каков пресврт во само 2 потеза! Знаев дека не би требало да сум изгубен, но не успеав да го најдам единствениот (!) начин да се спасам (26 Kb1), а црниот не ми остави шанси до крај (силен потез 30…Le5, единствен што победува). Кога „не оди“ тогаш и послабите играчи играат јако.
Во трето коло повторно бев бели против Марјан Митков. Успеа да ме изненади во отварањето (Шпанка со 3…Lb4) меѓутоа на излез од отварањето и раната средишница имав голема предност – неговите фигури беа на даминото крило а јас се спремав за напад на неговиот крал. За да избегне директен напад Митков се реши на 13…f5, но тоа само повеќе ги ослаби белите полиња. Првиот критичен момент беше во 16 потез кога можев да избирам помеѓу поостриот потез 16 d4 и помирната опција 16 Le3. Последиците од поострата варијанта не ми беа најјасни и ја одбрав помирната опција, објективно двата потези беа подеднакво добри. Но само 2 потези подоцна повторно имав избор од позициона варијанта (18 Ld5, што и беше мојата првоначелна идеја кога размислував за 16 Le3) и поагресивна варијанта (18 d4). Овој пат се решив за агресивната опција, прво заради фактот што тој полека доаѓаше во цајтнот, а второ затоа што мислев дека со тоа ќе му направам повеќе проблеми – наскоро тој беше принуден да го ослаби својот крал. Повторно, објективно немаше ништо лошо во мојот избор, но очигледна е некоја неконсистентност во изборите – тоа обично не се случува кога работите „одат сами по себе.“ Набрзо дојдов до скоро (повторно тој збор!) решавачка предност и пак истата ситуација – не наоѓам јасен начин, повеќе варијанти изгледаат добро и не можам да се решам која е најдобра. Анализата после партијата покажа дека работите биле покомплицирани одошто ми изгледале за време на партијата и дека форсирана победа не постоела. Играм лош потез (24 d6) затоа што превидувам ресурс за него со кој тој веднаш добива: 24…Df6 25 g3 (сеуште не гледам) Td4 и тука на моето замислено 26 Tad1 не видов 26…c5 со идеја Df3 и матира! А после неговиот 25 потез веќе треба да се спасувам да не изгубам, повторно драматичен пресврт како со Митковски! Иако во цајтнот тој одигра добро и беше објективно добиен, но неколку пати пропушти форсирани победи. По контролата најдов два збунувачки потези, 43 b4 и 44 f4 и за среќа тие завршија работа – после 45…Dc4 партијата е реми, иако во тој момент веќе нема пат кон победа за црниот.
Во четвртото коло бев црни против Ѓоко Котески. За прв пат немав предност после отварањето, дури и направив погрешна процена на мојот план кој започна со измената на d5 и 13…a4. Со силниот потез 14 b4 и потоа 16 Sb1 белиот имаше предност, но потоа не продолжи плански – требаше да игра Ld2, Sc3, Db1-b2 и Tb1, со максимален притисок на b5 и даминото крило. Јас ја искористив неговата непланска игра и создадов типичен кралско-индиски напад, а партијата брзо ја реши неговиот превид. Ова беше прва партија типична кога посилен играч игра со послаб – неговите грешки остануваат неискористени, а противникот игра потези соодветни на неговото ниво и тие се исто така соодветно искористени. Можеби работите конечно тргнаа? Можеби, но турнирот за мене тука заврши затоа што во последното коло бев слободен од игра.
Од искуство знам дека има една законитост кога станува збор за добрата и лошата игра. Кога играш лошо, но резултатите се добри (кога „имаш среќа“), тогаш на крај ќе почнеш и да играш добро, во согласност со резултатите. А кога играш добро, а резултатите се лоши (како во случајов со мојата лига), тогаш најчесто на крај ќе почнеш и да играш лошо! Тоа и се случи во мојата партија со Котески, но за среќа и тој не се прослави многу во таа партија – од две лоши игри, мојата сепак се покажа како помалку лоша.
Од анализата на партиите може да се проследи една шема по која се случуваа работите: предност од отварање, добра игра до одреден момент во средишница, добра игра на противниците кои „се жилават“, ненаоѓање (или непостоење) на јасен начин за зголемување на предноста или трансформација во технички добиена позиција, фрустрација заради тоа, ситни превиди во пресметките, комплицирање на позицијата и од тој момент партијата излегува од контрола и сѐ е можно – дури и пораз.
Прашањето над кое многу размислував е зошто и покрај мојата добра психофизичка форма пред турнирот резултатот се покажа како лош? Зошто противниците ги играат најдобрите потези, зошто не играат на своето вообичаено ниво, како што обично играат, и во тој случај моите вообичаени потези се доволни за победа?
Кога работите „не одат,“ ништо не оди – и противниците играат силно, и случајната тактика во позицијата е во нивна корист, и позициите се компликувани, и нема јасни варијанти и генерално сѐ оди тешко. За ова има пишувано уште Аљехин (за неговата игра на турнирот во Њујорк 1927г.), но не се сеќавам да има дадено некој совет што да се прави. Спротивното исто така важи – кога работите „одат“ (или кога сме „во форма“) тогаш противниците превидуваат, не пружаат отпор, сѐ оди лесно и без напор.
Фишер кажал „Chess depends on you“, шахот зависи од тебе. Јас исто така верувам во тоа. Но надворешните фактори не може да се контролираат, значи единствено што јас можам да направам е да погледнам навнатре и да разберам што тоа во мојата психа ги предизвикало тие „надворешни“ фактори кои во случајов биле против мене.
Поминаа неколку дена од последната партија што ја одиграв на лигата и некои работи почнаа да ми се разјаснуваат. Тешко е да се опише со зборови тоа што го разбрав и секој обид тоа да го сторам ќе звучи премногу генерално, но ќе се обидам. Главниот проблем беше отсуството на нацеленост на победа. Очекував партиите да се добијат сами од себе од моментот кога имав решавачка предност. Немав претстава за завршеност на партијата, заокруженост на процесот. Мислам дека тоа отсуство на јасна внатрешна претстава резултираше во исто такво отсуство на јасен резултат во реалноста – партии со пресврти, несигурна игра и противници кои играа во полна соответност со мојата внатрешна состојба. Знам дека ова можеби звучи општо, но верувам дека оние кои играле шах подолго време ќе разберат што зборувам.
На крајот на краиштата, не треба да се посветува премногу внимание на минатото, треба да се научи од него тоа што се може и да се гледа напред. А напред е Олимпијадата! Одиме во најдобар можен состав, за прв пат по подолго време работите се организирани своевремено и отсуствува вообичаената нервоза пред тргнување. За успех на било кој турнир е потребна добра игра и среќа, се надевам дека по дождот доаѓа сонце, па макар и 350км северно од артичкиот круг. Впрочем, таму цело време ќе биде ден…